Федерер и Возњаки лесно до третата рунда во Мелбурн

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер, кој е трет носител, оствари лесна и очекувана победа против Даниел Еванс со 3-0 во сетови и се пласира во третата рунда на грен-слем турнирот Австралија Опен. Британецот Еванс се држеше добро во првите два сета, стигна до разврска во тај-брејк, но, сепак, искуството и квалитетот на Федерер беа пресудни за да ги добие и двата сета со 7-6. Првиот со 7-5 на поени, а во вториот Еванс освои само три.

Во третиот сет Федерер веќе го скрши отпорот на противникот и го комплетираше со 6-3 во гемови.

Во следното коло во Мелбурн е и Хрватот Марин Чилиќ кој со 3-1 во сетови го совлада Американецот Мекензи Мекдоналд. Чилиќ славеше со 7-5, 6-7, 6-4, 6-4. Најголемо изненадување досега направи младиот Американец Френсис Тијафо, кој го елиминира петтиот носител, Кевин Андерсон со 3-1 во сетови (4-6, 6-4, 6-4, 7-5).

Кај дамите, третата носителка Каролине Возњаки беше сигурна во дуелот со Јоана Ларсон. Победи експресно за еден час игра со 2-0 во сетови (6-1, 6-3). Пласман понатаму оствари и Слоун Стивенс со триумфот (6-3, 6-1) над Тимеа Бабош, а елиминирана е деветтата носителка Кики Бертенс. Холанѓанката загуби со 2-1 во сетови (3-6, 6-3, 6-3) од Анастасија Пављученкова.

Се вчитува...