Федерер: Најлошото помина, ќе биде предизвик да се вратам повторно на теренот

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер вели дека ќе биде вистински предизвик да се врати на теренот, по големите проблеми со повредата на коленото поради што го пропушти поголемиот дел од оваа сезона.

Освојувачот на 20 гренд слам титули го одигра својот последен натпревар на Вимблдон, каде во четвртфиналето беше поразен од Хуберт Хуркац. Многу брзо, следеше уште една во серијата операции на коленото, што бараше подолга пауза од терените.

„Најлошото е зад нас. Со нетрпение очекувам се’ што следи. Кога ќе закрепнам од повреда, секој нареден ден ќе биде подобар од претходниот. Тоа е возбудливо време“, рече Федерер.

Се очекува 40-годишниот тенисер да биде подготвен во одреден момент следната година повторно на голема врата да се врати на „белиот спорт“.

„Ќе биде предизвик да се вратам на теренот. Сакам да се вратам што е можно поскоро, но тоа ќе биде голем предизвик. Ќе биде тежок денот кога повторно ќе започнам со тренинзи. Поточно, ќе биде тешко три дена“, додаде Швајцарецот.

За потсетување, Федерер ја зазема деветтата позиција на новата АТП ранг-листа. Интересно е што тој го задржа своето место во Топ 10, и покрај фактот што го освои последниот голем трофеј во 2019 година на Мастерсот во Мајами.

Се вчитува...