Федерер објави кога и каде му се враќа на тенисот

Роџер Федерер по повеќе од една година пауза е подготвен за камбек на тениските терени, откако швајцарскиот ас потврди дека планира својот камбек да го има на турнирот што ќе се одржи во Доха од 8 до 13 март. Големиот ас е надвор од терените уште од февруари 2020 година, кога по две операции на колената му беше препорачана подолга пауза.

Тој успеа да ја мине рехабилитациската програма, па иако ја загуби трката со времето за настап на Австралија Опен се фокусираше на настап во Катар.

„Долго размислував, Австралија Опен беше преризичен турнир поради напорите за моето колено. Жалам што за првпат од 1998 година нема да играм во Мелбурн, но сакав да се вратам на некој помал турнир, на кој ризикот од повреда ќе биде минимален. Затоа, решив да играм во Доха, а потоа во зависност како ќе се чувствувам би сакал да настапам и во Дубаи и во Мајами. Ако се е во ред, ќе се обидам повторно да играм и на некој од земјените турнири“, изјави Федерер.

Тој јасно стави до знаење дека не сака по камбекот да има само епизодна улога на турнирите.

„Не се вратив само за да играм тенис, туку за да победувам. Сакам да прославувам нови големи триумфи, знам дека нема да биде лесно, но подготвен сум за такво нешто“, додаде Федерер, воедно и најавувајќи дека една од желбите му е атак на златниот медал на ОИ во Токио.

Се вчитува...