Федерер: Ова беше историска година, едвај чекам да играм и во 2019

Роџер Федерер заврши со настапите на турнирите во 2018 година со пораз од Александар Зверев во полуфиналето од АТП-шампионатот. Швајцарецот му ја честиташе на противникот ззаслужената победа, а потоа се осврна на сопствените резултати годинава, кои му донесоа бројни причини за радост. Трофејот на Австралија опен беше 20. на гранслем турнирите во неговата кариера, Федерер потоа освои уште три турнири, со што стигна до бројката од 99 освоени пехари.

„Секако, имаше разочарувања, но јас сум среќен од начинот на кој се одвиваа работите во 2018. Немав мака со повреди, освоив важни турнири. Можеше да биде подобро, пред се на неколку тесни мечеви, со Андерсон на Вимблдон и со Ѓоковиќ во Париз, но севкупно гледано оваа сезона беше позитивна за мене. Едвај чекам да почнам со настапи во 2019, фактот дека играв одлични мечеви против најдобрите прави да верувам дека можам да освојувам турнири и во новата година. Возбуден сум поради она што е пред мене“ – истакна 37-годишниот Швајцарец.

Тој не ја отфрли можноста во 2019 повторно да настапува и на земјените турнири, откако целосно го пропушти овој дел од сезоната во претходните две години.

„Тоа сигурно е опција. Во моментов имам еден приоритет – да заминам на одмор со семејството, да ги наполнам батериите. Најверојатно токму по враќањето од одмор ќе обелоденам и на кои турнири планирам да играм во 2019 година“ – порача Федерер.

Се вчитува...