Федерер: Сум заборавил како е да се игра на земја

Роџер Федерер се подготвува за враќање на турнирите на земјена подлога, откако Швајцарецот потврди дека ќе учествува во Мадрид, натпреварувањето на кое веќе има две титули во кариерата. Големиот ас последниот трофеј на оваа подлога го освои во Истанбул во 2015, а последниот турнир на земја го одигра во Рим во 2016 година, кога по поразот од Доминик Тим од 2-0 во сетови реши да се фокусира на настап на останатите подлоги.

Федерер овојпат го промени планот, реши да настапи во Мадрид и потоа на Ролан Гарос, но великанот што има освоено 101 титула во кариерата не крие дека адаптацијата за време на тренинзите му оди многу потешко од очекувањата.

„Немам самодоверба, да бидам искрен сум заборавил како е да се лизгаш по земјата по ударите. Одам со бебешки чекори, малку по малку, се надевам дека ќе изгледам добро на теренот. Не знам што да очекувам, ланската сезона немав ниту еден тренинг, ниту еден одигран поен на земја. Пред три години играв, но се чувствував многу лошо во Монако и во Рим. Сега сакам да се вратам, но мислам дека никој не знае што ќе се случи во Мадрид“ – изјави Федерер.

Швајцарскиот ас во кариерата има една титула на Ролан Гарос, во 2009 година, и четири загубени финалиња, сите од големиот ривал Рафаел Надал.

Се вчитува...