Феенорд не се откажува од Миовски, Абердин ја зголеми цената

Бојан Миовски ги минува последните денови во Абердин откако македонскиот репрезентативец се најде во фокусот на фудбалската јавност по извонредната сезона што ја имаше во овој шкотски премиерлигаш.

За Македонецот веќе подолго време се интересираат Селтик и Глазгов Ренџерс, а од неодамна во трката се вклучи и тимот на Феенорд. Холандскиот вицепрвак се уште нема донесено нов тренер по преселбата на Арне Слот во Феенорд, но клупските директори го имаат ставено Миовски високо на листата со желби кога станува збор за преодниот рок. Феенорд се подготвува да го продаде најдобриот стрелец Хименез, мексиканскиот голгетер е проценет на околу 40 милиони евра, а потоа дел од овие пари би биле реинвестирани во трансфер на Миовски.

За Македонецот би била извонредна можност да заигра во Лигата на Шампионите, каде холандскиот гигант со второто место обезбеди директно учество во групната фаза, но останува да се види дали Феенорд ќе успее да постигне договор со Абердин. Шкотскиот клуб во јануари бараше пет милиони фунти за Миовски, но летово цената што „црвено-белите“ ќе ја бараат ќе изнесува седум милиони фунти. Оваа сума лесно би можела да ги откаже шкотските гиганти, но Феенорд делува решено да истрае во трката по Македонецот.

Останува да се види дали Миовски навистина кариерата ќе ја продолжи на „Де Кујп“ во Ротердам, или пак во трката летово ќе се вклучи некој друг тим. Едно е сигурно, Абердин нема да дава преголем попуст на цената, ако се знае дека го има врзано Миовски под договор до јуни 2026 година.

Се вчитува...