Феенорд се откажа од Стефан Ристовски, купува нов бек од Фиорентина

Стефан Ристовски нема да ја продолжи својата кариера во дресот на Феенорд, откако холандскиот шампион се реши за друга опција при „шопингот“ на нов десен бек. Имено, челниците на Феенорд дадоа зелено светло за заминување на Карсдорп во Рома, откако веќе го договорија ангажманот на нов дефанзивец по десната страна.

Иако клубот од Ротердам веќе неколку месеци ги следеше настапите на македонскиот репрезентативец, изборот сепак падна на поевтина варијанта. Станува збор за 20-годишниот Кевин Дикс, фудбалер со потекло од Индонезија кој е член на Фиорентина, но сезонава ја мина на позајмица во Витесе.

Дикс одиграл само единаесет средби за својот тим, но тренерот Ван Бронкхорст е убеден дека тој одлично ќе одговори на предизвикот, па го избрал токму овој играч, кој е достапен за отштета пониска од еден милион евра.

Што се однесува до Стефан Ристовски, македонскиот репрезентативец ги почна подготовките за новата сезона со тимот на Ријека, иако е речиси сигурно дека летово ќе ги напушти редовите на хрватскиот шампион. Македонецот е близу до враќање во Италија, каде најзагреана за неговите услуги е екипата на Џенова.

Се вчитува...