Фелипе: Да се покажеме во вистинското светло против Розенборг

Македонскиот првак Вардар вечерва (19 часот) во Трондхајм ќе го игра вториот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа, против норвешкиот клуб Розенборг. Првиот испит не беше успешен, Зенит покажа дека Европа сепак не простува, но вардарци се надеваат на многу подобра игра и поуспешен резултат денеска во Норвешка.

Кога игра Хуан Фелипе – игра и Вардар, а тој беше комплетно сопрен против Зенит. Но, сега се надева дека целиот тим ќе одигра многу поквалитетно и ќе се претстави во подобро издание против Розенборг.

„Во  Норвешка сакаме да се покажеме во вистинското светло. Против Зенит многу работи не ни одеа, можеби затоа што беше прв меч, но и реално противникот беше многу квалитетен. Сега се надеваме дека ќе одиграме многу подобро и дека ќе успееме да извлечеме позитивен резултат“, вели Хуан Фелипе, главниот креатор во играта на „црвено-црните“.

Мечот меѓу Розенборг и Вардар од групата Л во Лигата на Европа ќе се игра вечерва на стадионот „Леркендал“ во Трондхајм.

Се вчитува...