Погодокот на Бразилецот, Хуан Фелипе е без сомнение еден од поубавите од 2. коло во Лигата на Европа…
Вардар и тоа како ќе се сеќава на својот прв гол во групната фаза од ЛЕ, на маестрален начин реализиран од Фелипе, и покрај тоа што, пак, гостувањето во Трондхајм не носи позитивни впечатоци по новиот убедлив пораз.
Фелипе, како што истакнува ден по средбата, е разочаран од резултатот и покрај тоа што Вардар беше донекаде рамноправен противник со Розенбор.
„Вчера одигравме добар натпревар против Розенборг. И покрај желбата за добар резултат, не успеавме. Игравме добро, бевме рамноправен противник, имавме и неколку шанси кои што не ги искористивме. Сега ни останува да мислиме за следните мечеви. Не чекаат уште четири тешки натпревари, но мораме да размислуваме позитивно и да почнеме да освојуваме бодови“ – вели Фелипе во изјава за официјалниот сајт на клубот, притоа дополнувајќи:
„Драго ми е за убавиот гол. На секој играч му е драго кога ќе постигне погодок, особено на вакви натпревари. Мене ми е мило поради тоа што за мојот гол го споредуваат со големи светски играчи како што е Марадона. Но, од друга страна несреќен сум што тој убав гол не донесе поволен резултат од ова гостување. Несреќен сум за поразот на тимот и се надевам дека ќе се подобриме резултатски на следните натпревари. Се согласувам со нашиот шеф на стручниот штаб Јаневски дека и неискуството е еден од факторите за поразот. Сепак, со овие натпревари го стекнуваме и тоа искуство, и се надеваме дека во идните мечеви ќе дојдат и бодовите и добрите резултати“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА