Фенер не губи во Истанбул, но и ретко дава три гола на натпревар

Вардар има одлична предност во пресрет на вечерашниот реванш во Истанбул, но фудбалерите на Фенербахче се надеваат дека поддршката од трибините ќе биде значаен фактор за да се стигне до убедлива победа над „црвено-црните“ и да се обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Впрочем, Фенер игра одлично пред своите гледачи во Европа и на последните десет средби нема ниту еден пораз.

По неуспехот против Молде (1-3) во септември 2015 година фудбалерите на Фенербахче на домашен терен имаат скор од седум победи и три реми. Од овие седум триумфи, пред турскиот гигант паѓал Ајакс (1-0), Феенорд (1-0), а лани среде Истанбул капитулираше и големиот Манчестер јунајтед, кој предводен од Жозе Мурињо загуби со 2-0.

Во првиот домашен натпревар сезонава овој тим одигра 1-1 против Штурм, но мора да се истакне дека Фенербахче имаше победа на првиот дуел во Австрија, па не притискаше премногу кон противничкиот гол, умешно чувајќи ја предноста.

Во прилог на Вардар сепак оди фактот дека и покрај серијата победи и успешноста на домашните средби, фудбалерите на Фенербахче многу ретко влегуваат во голгетерски ритам на европските натпревари. На турскиот гигант ќе му бидат неопходни најмалку три гола доколку сака да се пласира во групната фаза, но „сино-жолтите“ од овие десет натпревари само еднаш постигнале три погодоци на домашен терен (3-0 против Грасхоперс токму во ланскиот бараж за влез во групната фаза од ЛЕ).

Во одбраната на „вардарци“ ќе недостига капитенот Грнчаров, но кај Фенер ќе ги нема главните напаѓачи Ван Перси, Фернандао и Солдадо, што значително ги зголемува шансите на македонскиот првак за одолевање на налетите на противникот и историски пласман во групната фаза од Лигата на Европа.

Се вчитува...