Фенербахче избира: Џулијано или Солдадо на мегдан со Вардар

Турскиот гигант Фенербахче ангажираше две големи засилувања во навалната линија, а само еден од нив ќе добие можност да игра на двомечот од плејофот во Лигата на Европа против Вардар. Бразилецот Џулијано, кој дојде од Зенит, и Шпанецот Роберто Солдадо од Вилјареал, се најновите аквизиции на Фенербахче, а само еден од нив, со употреба на таканаречениот „џокер“, ќе може да биде вметнат во составот за дуелите со Вардар.

Според најавите во турските медиуми, Џулијано има поголеми шанси да биде во составот на Ајкут Кочаман, со оглед дека се наоѓа во подобра натпреварувачка форма. Тој дојде од редовите на Зенит, а првенството на Русија е веќе започнато, па тој е одлично физички подготвен. Од друга страна, Солдадо ќе почека на своето деби во дресот на Фенербахче.

Џулијано ќе биде вметнат во списокот на играчи на Фенербахче за натпреварите против Вардар на местото на Словакот Мирослав Штох, кој е продаден во Славија Прага.

Вардар исто така ќе го искористи правото на „џокер“ и на местото на продадениот Џонатан Боарето Балотели во списокот ќе го пријави новиот Бразилец Итало Хосе де Оливеира Сантос, кој е понуден од истата менаџерска агенција, која ги доведе и Хофханес Хамбарџумјан и Тигран Барсегјан.

Се вчитува...