Фени издржа само едно полувреме во „Градски парк“

Работнички ја забележа и шестата победа во низа од стартот на оваа сезона откако славеше на домашен терен против Фени индустри (92-87). Избраниците на Марин Докузовски се соочија со огромни проблеми во првото полувреме, но шампионот заигра онака како што му доликува во вторите 20 минути, направи целосен пресврт и заслужено стигна до нов триумф.

Кавадарчани одиграа извонредно во нападот во првата четвртина, кога по само шест минути игра стигнаа и до двоцифрена предност (11-22). Фени го заврши овој дел од мечот со 33 постигнати поени и водство од 22-33, позитива што ја одржуваше речиси до крајот на полувремето. Поточно, на 1:10 минута до крајот на втората четвртина гостинскиот состав имаше предност од 42-56, но Работнички фуриозно го заврши овој дел од мечот и со тројката на Ефремовски намали на само седум поени разлика (49-56).

Откако примија 56 поени во првите 20 минути игра, Марин Докузовски сигурно имаше што да им каже на своите избраници, што резултираше со фанатична игра во третиот период што Работнички го доби со преубедливи 26-6. Откако стигнаа до двоцифрена предност, домашните кошаркари знаеја како искусно да ја задржат до самиот финиш. Во последната минута се влезе со предност на Работнички од десет поени, па иако Фени се приближи резултатски, гостите немаа време за целосен камбек.

Кире Николовски и Чавдар Костов со по 18 поени беа најефикасни кај Работнички, 16 постигна Караџовски, додека во редовите на Фени индустри најдобри поединци беа Фундербург со 19 поени и 10 асистенции и Пајиќ со 17 поени.

Се вчитува...