Историја: Феникс 2010 дебитираше со победа во Првата лига

Феникс 2010 дебитираше со победа во Првата македонска лига откако на домашен терен славеше против Академија ФМП со 70-68. Новајлијата во поголемиот дел од натпреварот ја контролираше играта, одолеа на налетот на гостите при самиот крај на мечот и заслужено стигна до победа.

Со шутот зад линијата 6,75, Феникс поведе на почетокот на натпреварот со 9-2, но благодарение на агресивната одбрана и офанзивниот скок, ФМП не дозволи домаќинот дополнително да се одлепи и се врати на негатива од само еден напад. Феникс навремено ги консолидираше своите редови, го затвори пристапот до рекетот и во поголемиот дел од првата четвртина го контролираше резултатот (18-11), но последните две и пол минути им припаднаа на ‘академиците’ кои со серија од 12-0, поведоа со 18-23. Одбраната повторно беше адут на новајлијата во второто полувреме. ФМП нешто повеќе од пет минути не успеа да постигне кош, а тоа го искористија избраниците на Дервишевиќ кои со добриот проток на топката во нападот стигнаа до предност од 31-23. До крајот на првото полувреме ФМП успеа да заигра подобро, но не и сериозно да запрети на водството на домаќинот (37-32).

ФМП преку пик играта успеа да го превземе водството на почетокот на второто полувреме (43-44), но тајмаутот на домашниот тим го џспре налетот на гостинот. Феникс повторно го наметна своето темпо, а преку добрата одбрана и ја врати контролата на мечот. Избраниците на Дервишевиќ имаа шанса да стигнат и до двоцифрена предност, но на крајот на третата четвртина мораа да се задоволат само со +5 (56-51). ‘Академиците’ долго време се мачеа да го наметнат своето темпо, но успеаја во тоа во вистинскиот момент. Преку агресивната одбрана избраниците на Петровиќ го сопреа протокот на топката на Феникс, а одлично се снајдоа и во нападот па го превземаа водството (60-63) и најавија неизвесна завршница која траеше до последните секунди од мечот. При резултат 65-65 со серија од 4-0, Феникс стигна до ‘комотна’ предност, но истата брзо ја анулираше Крстајиќ со шут за три поени, а по едното прецизно слободно фрлање на Џоунс, ФМП два пати имаше шанса да стигне до изедначување, но прво Косанин, а потоа и Темелковски не успеаја во своите обиди за големо славје на дебитантот.

Се вчитува...