Феномен: Халанд е играч на месецот со само 59 одиграни минути

Ерлинг Халанд навистина е чудо од дете, а добрите игри на стартот од авантурата во Борусија Дортмунд му ја донесе на норвешкиот голгетер наградата „Играч на месец јануари во Бундес-лигата“. Успехот е уште поголем ако се знае дека Халанд одигра само 59 минути во јануари, но притоа успеа да постигне дури пет погодоци.

Тој влезе во игра во второто полувреме од гостувањето против Аугсбург, постигнувајќи хет-трик на своето деби во Бундес-лигата. Во следното коло Халанд повторно беше резерва, но по влегувањето во игра веднаш постигна нови два гола за доказ на голгетерската класа што дефинитивно ја поседува.

Норвешкото „чудо од дете“ продолжи во голгетерски ритам и во февруари, постигна два гола против Унион Берлин, потоа уште по еден против Вердер во Купот на Германија и против Ајнтрахт во Бундес-лигата.

Бројките на Ерлинг Халанд сезонава се неверојатни, во дресот на Салцбург и на Борусија тој досега одигра вкупно 28 средби, притоа постигнувајќи 37 гола и осум асистенции.

Се вчитува...