Вардар покажа и квалитет и карактер, славејќи против европскиот вицешампион Алборг со резултат 30-28, во атмосфера што потсети на славните денови на „вардарци“ во СЦ „Јане Сандански“, иако салата беше исполнета со само 30% од вкупниот капацитет. Вардар почна бавно, но Борко Ристовски со влеувањето во игра и неколкуте одбранети зицери го разбуди македонскиот првак, кој до полувремето се врати, а потоа во второто полувреме го скрши отпорот на моќниот противник.
Натпреварот почна со две минимални водства на Алборг од 0-1 и 1-2, а Вардар првата предност ја имаше во шестата минута, кога Дибиров реализираше од седум метри. Сепак, првата криза во нападот на „вардарци“ донесе и серијата погодоци на данскиот состав, кој во 10. минута поведе со убедливи 4-7. Откако одбраната „пет еден“ не вроди со плод, Вујовиќ при негатива од 4-8 го побара првиот тајмаут. Како пресуден момент се покажа влегувањето во игра на Борко Ристовски на местото на Томовски при резултат 7-1, по што долгогодишниот репрезентативец го почна своето шоу на голот на „вардарци“. Неговите одбрани, надополнети со ефикасната игра „седум на шест“ во нападот придонесоа Вардар да се врати и во 24. минута да израмни преку Валчак на 13-13.
Ристовски одбрани уште еден силен шут кон неовиот гол, но потоа Вардар промаши напад за водство со „седум на шест“, по што Данците лесно казнија во празна мрежа. Стоилов одговори со два гола, Борко ја забележа и петтата интервенција за петнаесетина минути, по што Дибиров погоди „од место“ за водство на Вардар од 16-15. Кристенсен реализираше со многу среќа пред самиот крај на полувремето, за израмнети 16-16.
Вториот дел почна фуриозно за „црвено-црните“, Ристовски за пет минути собра уште три интервенции (еден одбранет пенал), во нападот одговорност презедоа браќата Нијокас, па Вардар набрзина поведе со „плус три“ (20-17). Две минути подоцна Ристовски одбрани уште еден пенал, но потоа Чувара не искористи пенал за „плус четири“ при водство од 21-18. Алборг се приближи на 22-21, не искористи и напад за израмнување, по што Вардар повторно стина до три гола предност, а тренерот на данскиот состав беше принуден да побара уште еден тајмаут.
Вардар на помалку од десет минути до крајот за првпат стигна до четири гола предност (28-24), но Данците не се предадоа и успеаја да се вратат, намалија на 29-28, имаа и напад за израмнување, но Борко повторно блесна бранејќи го проектилот од девет метри на Мелгард. Оливие Нијокас стави печат на победата, погодувајќи за 30-28, веднаш потоа и крадејќи ја топката при нападот на противникот, за заслужен триумф на Вардар од 30-28.
Оливие Нијокас, Тото и Дибиров беа најефикасни со по шест гола, но херој број еден на овој натпревар беше Борко Ристовски со 16 успешни интервенции, иако мина на теренот само 45 минути.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА