Феноменалниот Димитријевиќ со „дабл-дабл“ донесе нова победа за Уникс во полуфиналето од ВТБ лигата

Нова извонредна партија на најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ во дресот на Уникс Казањ во полуфиналната серија од ВТБ лигата. Уникс во повеќе од драматичен меч триумфираше со 81-78 против Локомотив Кубан во петтиот натпревар од полуфиналето, благодарение на поените на Димитријевиќ на 14 секунди пред крајот со кој беше осигуран триумфот за водство сега од 3-2 во серијата.

Во максимално израмнет натпревар, на крај пресуди концентрацијата на домашните во финишот кои умешно дојдоа до победата, иако Локомотив имаа предност и од 72-75 на шест минути пред крајот. Но, благодарение на Димитријевиќ и Рејнолдс, Уникс Казањ дојде до победата со која сега е само на една победа до големото финале. Македонскиот кошаркар на 14 секунди пред крајот, реализираше две слободни фрлања за конечна победа од 81-78.

Димитријевиќ дуелот го заврши со „дабл-дабл“ ефект од 22 поени и 10 асистенции, дополнети и со четири скока и една украдена топка. Џејлен Рејнолдс исто така запиша „дабл-дабл“ од 30 поени и 11 скока. Кај гостите најдобар беше Карвел Андерсон со 20 постигнати поени.

Следниот шести натпревар од полуфиналната серија, која се игра во четири добиени меча, е  на 19. мај во Кубан.

Се вчитува...