Феноменалниот Митревски го „излуде“ Пик Сегед

Порто го декласираше Пик Сегед со убедливи 25-19 во четвртото коло од Лигата на Шампионите, меч на кој брилијантна игра покажа Никола Митревски, најзаслужен за новата радост на португалскиот првак во елитното европско натпреварување.

Македонскиот голман доби шанса пред Квинтана и максимално ја оправда довербата, бранејќи извонредно во текот на целиот меч. Неговите одлични интервенции овозможија Порто на самиот почеток да поведе со 7-2 и потоа рутински да го контролира резултатот до самиот крај. На одмор се замина со резултат 15-10, а интересно е што седум од десетте гола за гостите во овие 30 минути игра ги постигна Канелјас.

Пик Сегед се обиде и со „седум на шест“ во вториот дел, но не најде одговор за одличниот Митревски, кој продолжи со своето извонредно издание до самиот крај на мечот .

Митревски со 15 интервенции беше убедливо најдобар поединец на натпреварот, најефикасен кај Порто беше Мартинс Соареш со пет гола, додека кај Пик Сегед шпанскиот бек Канелјас застана на седумте погодоци од првото полувреме.

Се вчитува...