Ферхан Хасани е желба на Легија Варшава и на Галатасарај!

Полскиот шампион Легија Варшава и турскиот гигант Галатасарај се двата клуба кои во летниот преоден рок посакуваат во своите редови да го видат македонскиот репрезентативец и капитен на Шкендија, Ферхан Хасани.

Хасани, по крајот на сезоната, го заврши договорот со Шкендија поради што веќе се активираа добар дел европски клубови кои како слободен фудбалер посакуваат да го видат во своите редови. Според нашите информации, сериозен е интересот на Галатасарај за ангажман на 27-годишниот фудбалер за врска иако отворена понуда за Хасани има и од Бурсаспор.

Но, во низата клубови е и полскиот шампион Легија Варшава воден од хрватскиот стратег Деан Клафуриќ кој и тоа како добро е запознаен со квалитетите на фудбалерот на Шкендија. Во Легија Варшава настапува и поранешниот хрватски репрезентативец со бразилско потекло, Едуардо Да Силва.

Сепак, јасно е дека наспроти понудите од странство и раководството на Шкендија веќе активираше сериозни проговори за продолжување на соработката со Хасани. Од канцеларијата на Шкендија претходно категорично истакнаа дека Ферхан Хасани нема да замине од клубот, а треба да биде темелот на тимот за настапите и во квалификациите од Лигата на шампионите.

Се вчитува...