Ферстапен ја освои Малезија, Фетел од последен до четвртото место

Макс Ферстапен е победник на трката за Големата Награда на Малезија што денеска се возеше на патеката Сепанг, оставајќи го зад себе лидерот во генералниот пласман, Луис Хамилтон.

Британецот ја стартуваше трката од пол-позицијата, но Ферстапен успеа да го мине уште во четвртиот круг, по што возачот на Ред бул умешно го контролираше водството до самиот крај, заслужено стигнувајќи до победата. Хамилтон рутински се задржа на второто место, свесен дека најважно му е да ја зголеми предноста во однос на Себастијан Фетел во генералниот пласман, додека на третата позиција се најде уште еден Ред бул, Австралиецот Дани Рикиардо.

Себастијан Фетел извозе одлична трка, па иако стартуваше од последната позиција набрзина мина голем број болиди пред себе. Германецот дојде до четвртото место, извесно време се бореше со Рикиардо за третата позиција, но не успеа да го мине возачот на Ред бул и на крајот мораше да се задоволи само со четвртото место.

Најголем малер на оваа трка беше вториот возач на Ферари, Кими Раиконен, кој требаше да стартува од втората позиција, но поради проблеми со болидот, воопшто не тргна со болидот на патеката Сепанг.

Се вчитува...