Фешта во Неапол: Јуве падна по голема драма на „Диего Марадона“

Наполи конечно почна да покажува знаци на живот по ангажманот на новиот тренер, па актуелниот првак по убедливата победа над Сасуоло минатото коло вечерва по голема борба го совлада Јувентус со 2-1. Дуелот беше суперинтересен, каков што доликува на двата италијански гиганта, за „наполитанците“ во 89. минута преку Распадори да стигнат до огромни три бода.

Резултатот беше отворен пред крајот на првото полувреме, кога гостинските дефанзивци не ја расчистија опасноста по еден центаршут, топката му слета на волеј на Кварацкелија, кој шутираше прецизно матирајќи го Шчесни за водство од 1-0.

Јувентус очекувано ја отвори својата игра во обид да стигне до израмнување, а нешто поофанзивниот пристап вроди со плод на десетина минути до крајот кога Киеза погоди мајсторски израмнувајќи го резултатот на 1-1. Возбудувањата кулминираа во 85. минута, кога беше досуден пенал за Наполи по стартот врз Осимен, Шчесни го запре ударот од 11 метри на Нигериецот, но на топката натрча Распадори сместувајќи ја со многу среќа во мрежата.

Јуве имаше стопроцентна шанса за израмнување во 92. минута, но Даниеле Ругани (кој минатиот викенд во судиското продолжение донесе триумф над Фросиноне) од пет метри шутираше над гредата.

Наполи со оваа победа се искачи на седмото место со 43 бода, осум помалку од Болоња која се наоѓа на четвртата позиција која догодина ќе води во Лигата на Шампионите. Јувентус остана на 57 бода, само еден повеќе од третопласираниот Милан, со дури 12 бода заостанување и натпревар повеќе во однос на лидерот Интер.

Се вчитува...