Фетел не се откажува: Ќе се бориме до крај, нема да биде како лани…

Себастијан Фетел до пред две трки се наоѓаше на чело на генералниот пласман, но по настапите во Германија и во Унгарија асот на Ферари сега заостанува дури 24 бода зад лидерот Луис Хамилтон. Сепак, Фетел е оптимист дека нема да се повтори ланската сезона кога Хамилтон во вториот дел од сезоната заврши далеку пред ривалите.

„Мора да се биде перманентен во формата, да се освојуваат бодови секоја трка, а јас самиот на себе си направив проблем во Германија. Сепак, такви работи се случуваат, она што ме радува е што имаме капацитет и болид за да се бориме до крај. Тогаш Мерцедес беше доминантен, немавме болид да се носиме, но овојпат ситуацијата е поинаква. На многу трки покажавме дека сме побрзи од нив, имаме потенцијал за да бидеме уште подобри и затоа сум убеден дека ќе имаме што да кажеме и да покажеме до крајот на сезонава. Заостанувам 24 поени, но не ни помислувам да се откажам од титулата“ – истакна Фетел.

По неделната трка за ГН на Унгарија сега возачите од Ф1 шампионатот заминуваат на одмор, а со натпреварување ќе продолжат на 26 август, со трката за ГН на Белгија што ќе се вози на патеката „Спа“.

Се вчитува...