Фудбалската федерација на Македонија денеска го официјализираше партнерството со уште еден спонзор на македонскиот фудбал, компанијата „Новоматик“ со која е потпишан двегодишен договор вреден 1.000.000 евра.
Преку мала свеченост денеска на платото пред „Куќата на фудбалот“ беше официјализирано меѓусебното партнерство кое треба да биде придобивка на крај за домашниот фудбал.
Задоволство од меѓусебната идна соработка искажаа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, како и генералниот директор на „Новоматик Македонија“, Александар Симовиќ.
„Горди сме што добиваме партнер кој отсекогаш ги поддржува спортските проекти и компанија со општествена одговорност кон фудбалот пред се, но позната и по својата поддршка на заедницата. Оваа соработка не е само спонзорство. Тоа е спој на заеднички амбиции и взаемна желба да се постигне нов резултат за македонски спортски успеси. Ова партнерство е доказ за нашата посветеност, нови можности за нашиот тим и нашите навивачи“ – истакна во својот говор, претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
„Нашата посветеност кон спортот, заедницата и младите е од суштинско значење за Новоматик Македонија. Вложувањето во спортски проекти не е само дел од нашата стратегија за корпоративна одговорност, туку и искрена желба да придонесеме за развојот на македонскиот фудбал. Уверени сме дека ова партнерство ќе донесе позитивни резултати и ќе ги мотивира сегашните и идните генерации фудбалери“ – изјави Марија Митреска, претставничката на „Новоматик Македонија“.
Компанијата „Новоматик“ во Македонија веќе е спонзор и на фудбалскиот и ракометниот клуб Вардар, кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје и фудбалскиот второлигаш Кожуф.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА