ФФМ објави: Вардар не доби лиценца за Европа

Вардар втора година по ред нема да може да се натпреварува во европските купови откако „црвено-црните“ повторно не успеаја да ги задоволат критериумите за добивање на лиценца за излез во фудбалска Европа. Причината е добро позната – огромните долгови што газдата Сергеј Самсоненко и управата на клубот ги имаат направено во изминатиот период.

ФФМ неколку пати го одлагаше крајниот рок давајќи шанса „црвено-црните“ да ја консолидираат финансиската состојба, но со одлуките на Комисијата за лиценцирање и на Комисијата за жалби за лиценцирање, денеска се официјализира дека лиценци за настап во европските купови за сезоната 2020/21 добиваат: Академија Пандев, Македонија ЃП, Работнички, Ренова, Силекс, Шкендија и Шкупи.

Покрај Вардар, до лиценци за настап во натпреварувањата на УЕФА не дојдоа и Борец Велес, Струга Трим Лум и второлигашот Брегалница, кој беше полуфиналист во Купот на Македонија во моментот на прекин на сезоната.

ФФМ дополнително ќе се изјасни кои екипи ќе ја претставуваат Македонија во европските купови, дали тоа ќе биде согласно пласманот на табелата (со поместување за едно место, поради недобиената лиценца на Вардар) или според клупските коефициенти што нашите екипи ги имаат од претходните настапи во Европа.

Се вчитува...