ФФМ пред одлука: УЕФА не прифаќа проширување на Првата лига до 14 екипи!?

Фудбалската федерација на Македонија во текот на утрешниот ден се очекува да ја донесе конечната одлука околу судбината на сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига, по што официјално треба да биде известена и УЕФА.

Веќе е добро познато дека, согласно и изјаснувањето на прволигашите, дека Првата лига ќе биде завршена со одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување кон плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Согласно планираното, ќе се игра и плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) но без испаѓање на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија ќе биде со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања.

Одлуката да нема испаѓање од прволигашкото друштво, повлекува, сосема очекувано, проширување на елитата за следната 2020/2021 сезона. Иако претходно се најавуваше проширување на 14 екипи, со тоа што во Првата лига би влегле и второпласираните екипи од двете второлигашки конкуренции бидејќи, согласно регулативата од пред стартот на сезоната, имаат гарантирано право на бараж за прволигашка промоција, како што дознаваме, најновите размислувања се Првата лига следната сезона да брои 12 екипи. Нови членови би биле Беласица и Пелистер.

Согласно информациите од Фудбалската федерација на Македонија, сериозна пречка за проширување на лигата на 14 екипи е УЕФА од каде се сигналите дека не би дозволила проширување изгласано на зелена маса за 40% од досегашниот капацитет. Токму поради тоа останува неизвесноста до последен момент единствено околу изгледот на прволигашкото друштво за следната сезона, а конечната одлука ќе ја донесе Управниот одбор. Прва лига со 12 или со 14 екипи следната сезона!?

Се вчитува...