ФФМ: Работиме законски, УЈП нас ни должи 7,5 милиони денари

По денешното соопштение за поднесена кривична пријава за поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски за даночно затајување се огласи и Фудбалската федерација на Македонија која тврди дека нивното работење е комплетно законски за што изминатиов период потврдиле голем број надлежни домашни институции.

Од ФФМ нагласуваат дека, наспроти обвинувањето за даночно затајување во висина од 1.680.912,оо денари, Фудбалската федерација на Македонија има побарувања од Управата за јавни приходи (УЈП) во висина од 7.492.059,00 денари.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се чувствува повикана да реагира со допис по повод информациите добиени единствено преку интернет порталите, а во врска со поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција за наводно даночно затајување. 

Со цел прецизно и вистинито информирање на јавноста, како професионална и одговорна институција сметаме дека треба да реагираме со цел јавноста да биде точно информирана по однос на информацијата за која се информиравме единствено преку интернет порталите.

Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) веќе подолг период подлежи на координирани инспекциски надзори и контроли од страна на државните органи и институции.

По однос на наводите од порталите за наводно даночно затајување во износ од 1.680.912,оо денари, најодговорно тврдиме дека Фудбалската Федерација на Македонија  (ФФМ) секогаш работела и ќе работи согласно Законот за сметководство на непрофитните организации.

Овој заклучок го темелиме и од тоа што во изминатиот период, финансиското работење на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) доби позитивни извештаи и од Управата за јавни приходи и од независните ревизори.

Во однос на АД Тобако Скопје сметаме за потребно да ја известиме јавноста дека по однос на обврските на АД Тобако Скопје кон Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) е инициран судски спор чиј исход е позитивно окончан (потврден) во корист на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Истиот е даден на наплата до надлежен извршител.

По отворањето на стечајната постапка за АД Тобако Скопје, долгот е навремено предјавен и истиот е позитивно утврден и признат од страна на стечаен управник и стечаен судија во соодветна постапка, со што, ова побарување на Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) е признато и утврдено во стечај.

Од оваа стечајна постапка, покрај Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) ненамирени останаа и многу други државни органи, јавни претпријатија и други правни субјекти.

Во прилог на ова наше тврдење се повикуваме  на Законот за добивка каде јасно е утврдено дека трошоците за исправка на вредноста на ненаплатените побарувања се признаваат како расход, доколку е донесена правосилна судска одлука, а за побарувањата од субјектите над кои е отворена постапка на стечај и на ликвидација, доколку истите се пријавени и потврдени од страна на стечајниот управник.

По однос на АД Југохром Јегуновце истакнуваме дека посочениот деловен однос е од 2010. година, по што во 2013. година договорните страни АД Југохром Јегуновце и Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ) имаат склучено правно дело со кое се утврдува права и обврски за двете договорни страни, притоа имајќи го в предвид дотогашното исполнување (период 2010. – 2013.) на обврските од страна на двете договорни страни. По однос на вака утврдените обврски, истите се во целост исплатени кон Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) од страна на правен субјект – пристапувач кон долг.

Обидот со сензационализам да се прикаже наводната незаконска работа на Фудбалската федерација на Македонија сметаме дека е едностран и некоректен.  Ваквиот начин на комуникација не соодветствува со практиката на ФФМ и токму поради тоа немаме намера да ја оптеретуваме јавноста, уште повеќе што за сето ова сме запознаени само од интернет порталите. ФФМ официјално нема добиено никаков формален документ. Како сериозна и професионална институција подготвени сме по евенутално добивање да го потврдиме нашето законско работење пред соодветните органи.

На крајот, повторно најодговорно тврдиме дека Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) нема направено даночно затајување, вклучително ниту посоченото во висина од 1.680.912,оо денари, дотолку повеќе што на денешен ден, 01.03.2019 година, Фудбалската федерација на Македонија има побарување во износ од 7.492.059.оо денари од Управата за јавни приходи, односно Управата за јавни приходи се јавува како должник на Фудбалската федерација на Македонија за износ од 7.492.059.оо денари.

Се вчитува...