Деновиве во Скопје престојуваа Катја Сенеси и Леонид Калошин, функционери на судиската комисија на УЕФА, во редовна контрола на судиската организација на Фудбалската федерација на Македонија за да проверат како се реализираат обрските на Судиската конвенција на УЕФА. Беше спроведена детална анализа како функционира нашата судиската организација која доби пофални зборови од страна на гостите за својата работа и унапредување на судискиот позив во Македонија.
Сето тоа е само потврда дека ФФМ е силно почитувани во европската фудбалска институција со вкупно 27 имиња како актуелни судии и претставници во телата и комисиите на УЕФА. По заминувањето на Александар Ставрев, поради исполнувањето на старосната граница, на меѓународната листа на главни судии останаа Игор Стојчевски и Јован Качевски, а место Ставрев сега е Влатко Илиоски од Прилеп.
На листата на асистенти судии на УЕФА се: Гоце Петрески, Слаѓан Марковски, Куштрим Лика, Бранко Путилин, Даниел Василевски и Кристијан Џонов, место Дејан Костадиновски кој замина во судиска „пензија“.
Најсилна е сигурно листата на контролори од Македонија: Емил Божиновски, Димитар Мечкаровски и сега Александар Ставрев.
На листата на делегати се наоѓаат Филип Поповски, Жарко Игњатовски, Александра Пејковска и Васко Дојчиновски, додека Роберт Марковиќ е единствен кој се грижи, како претставник на ФФМ, за безбедноста на меѓународните натпревари во Европа.
Имаме и четири футсал судии на листатa на УЕФА. Тоа се Доне Ристевски, Марјан и Дејан Младеновски и за првпат Моника Даштевска, прва жена футсал судија во Македонија.
Фудбалските судијки од Македонија се предводени од Ива Пројковска, која се наоѓа во елитната група од 20 најдобри европски судии и највисоко котира од сите македонски претставници во УЕФА. На листата на главни судијки е уште Ирена Вечевачкоска, асистенти судијки се Вјолца Изеири, Елена Соклевска Илиевски и новите Ангела Домазетовска и Тамара Цветановиќ.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА