ФФМ: Собранието откажано…, се од почеток – новиот претседател ќе почека!

Како што и се очекуваше, Фудбалската федерација на Македонија го откажа претходно закажаното Изборно Собрание на 1. септември откако Комисијата за жалби при ФФМ ја потврди одлуката на Комисијата за избор и верификација и ги одби кандидатурите на Хаџи-Ристески, Станојковиќ и Костов. А, потоа и единствениот прифатен кандидат Сашко Тасев ја повлече својата кандидатура.

Па, сега, како што информираат од ФФМ, следи се од почеток. Администрацијата ќе треба да подготви ново Собрание на кое треба да се избере нов претседател. А, до тогаш продолжува битката и преку партиски сили, и преку желба за нечие повторно враќање на кормилото на македонскиот фудбал, и преку „задкулисни игри“ за остварување само лични интереси. Затоа што, по ова што беше демонстрирано деновиве, очигледно е дека на сите кандидати најмалку им е до фудбалот!

СООПШТЕНИЕТО ОД ФФМ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Комисијата за жалби при Фудбалската федерација на Македонија постапувајќи по поднесените жалби по одлуки на Комисијата за извори и верификација на ФФМ, а во врска со поднесените кандидатури за претседател на ФФМ ги потврди одлуките на Комисијата за избор и верификација на ФФМ.

-Кандидатот за претседател на Фудбалската федерација на Македонија, предложен од ОФС Кавадарци, Сашко Тасев ја повлече својата кандидатура и писмено ја достави до архивата на ФФМ.

– Вонредната изборна седница на Генералното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија за избор на претседател која беше закажана за 01. септември 2018. година поради повлекување на поднесената и утврдена кандидатура за претседател на ФФМ се откажува. 

-Управниот одбор на ФФМ, администрацијата и другите тела и органи на ФФМ во наредниот период активно ќе работат со цел организација на Генералното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија за избор на претседател почитувајќи ги одредбите од Статутот на ФФМ и водејќи сметка да се обезбеди максимална конкурентност и транспарентност во целиот процес. 

Се вчитува...