Вардар експресно се врати на врвот на прволигашката табела откако „црвено-црните“ излегоа како победници од вечното дерби против Пелистер, славејќи во Битола со 1-2. По мирното прво полувреме, сите возбудувања се случија во вторите 45 минути, во кои Вардар на крајот со голот од пенал на Закариќ стигна до посакуваната победа.
Клучен момент беше 80. минута, кога по еден старт врз Данев главниот судија без размислување покажа на белата точка. Дел од фудбалерите на Пелистер се крстеа на ваквата одлука, дел чекаа од ВАР собата истата да биде променета, но откако пеналот беше потврден Закариќ рутински реализираше од белата точка, за деветта овосезонска победа на „црвено-црните“.
Токму оваа ситуација ја подели јавноста во Македонија, а со свое соопштение излезе и судиската комисија при ФФМ.
„Стручна судиска анализа од првенствениот дерби натпревар од 12. коло на Првата МФЛ помеѓу екипите на ФК Пелистер и ФК Вардар, одигран денес, 5.11.2025 година (среда), во Битола
Четири клучни одлуки, проценети правилно и прикажани високо квалитетни судиски перформанси од судискиот тим.
Првата ситуација е во 42 минута, кога топката удира во рака на одбранбениот играч на домашната екипа која е во природна положба, без зголемување на волумен на телото и без намера. Притоа топката е упатена од многу кратко растојание и топката удира во раката на одбранбениот играч, односно одбранбениот играч не игра со рака на топка. Главниот судија е во непосредна близина, има јасна прегледност и целосна контрола над ситуацијата и носи правилна одлука играта да продолжи.
Втората ситуација е во 60 минута, при постигнување на израмнувачкиот гол за домашната екипа. Во моментот на шутот кон гол, домашниот напаѓач со бр. 8 е скоро еден метар зад одбранбениот играч и по одбиената (одбранетата) топка од голманот истата се одбива до напаѓачот кој од дозволена позиција постигнува регуларен гол. Правилна интервенција од ВАР во оваа фактичка ситуација и потврдување на постигнат регуларен гол, односно правилно ја корегираат одлуката на првиот асистент судија.
Третата ситуација е во 80 минута, односно гостинскиот напаѓач со бр.11 продира непречено до противничкиот казнен простор, влегува во него, по што домашниот играч со бр.8 стартува со намера да ја избие топката, но прави погрешна и задоцнета проценка и го соборува гостинскиот противнички играч со прекршок во нога. Главниот судија отстапува од својата дијагонала на движење, има јасна прегледност и антиципација на ситуацијата и правилно го проценува прекршокот.
Пред самиот крај на регуларниот дел од натпреварот, домашниот капитен со бр. 44 продира странично кон противничкиот казнен простор, по што во моментот на шутирањето на топката одбранбениот гостински играч со бр. 3 го блокира шутот со природно и неказниво движење на телото. Топката удира во задниот дел од телото на одбранбениот играч кој е во пад и во природно движење, по што импактот од одбиената топка од задниот дел од телото е случаен допир на топката во левата дланка. Главниот судија има целосна непречена контрола и прегледност на ситуацијата и носи правилна одлука за ова неказниво играње со рака.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

