ФФМ во одбрана на Алиоски: Омразата не игра на наш терен!

Фудбалската федерација на Македонија, застанувајќи во одбрана на својот репрезентативец Езгјан Алиоски ја осуди скандалозната ситуација во која се најде фудбалерот на Лидс денеска во својот роден град Прилеп.

„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува говорот на омраза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор Езџан Алиоски. Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата! Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит! Уште еднаш сакаме да порачаме – Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување! Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат“ – се вели во реакцијата на ФФМ.

Алиоски денеска, во присуство на својата мајка и татко и двајца блиски пријатели, како што самиот ни изјави, бил избркан од ресторанот „Ла Страда“ во Прилеп затоа што зборувал на албански јазик.

Се вчитува...