ФФМ во Охрид ќе го менува Статутот: Се отвора простор за „слободни номинации“ за претседател

Фудбалската федерација на Македонија денеска од 13 часот во хотелот „Горица“ во Охрид ќе го одржи долго најавуваното Собрание со само една точка на дневниот ред – измени и дополнувања на Статутот на ФФМ.

По летната „циркузијада“ која беше активирани со номинациите за нов претседател на ФФМ, и неприфаќањето на истите, во федерацијата е донесена одлука за промена на регулативите во насока на „послободно“ номинирање кандидати за прв човек.

Како што е познато, според актуелниот Статут на ФФМ, досега кандидатот за претседател на ФФМ мораше да биде од редот на актуелните делегати во Собранието. Сега се планира, секој Општински фудбалски сојуз кој нема свој претставник во Управниот одбор да може да номинира кандидат за претседател, кој притоа мора да бил активен во фудбалската организација во последните четири години. Согласно тоа, се чини се отвора простор за кандидатурите на Влатко Костов и Вујадин Станојковиќ кои претходно во август оваа година беа одбиени од Комисијата за избор и верификација при ФФМ.

Исто така, на денешното Собрание во Охрид треба да се пристапи и кон измена на членот околу временската ограниченост на одржување на собраниските седници., кои досега беа само еднаш во календарска година или најмалку шест месеци од последното одржано Собрание. Сето тоа во насока, по денешното Собрание, набрзо да биде организирано и ново Собрание за избор на нов претседател на ФФМ. По оставката на Илчо Ѓорѓиоски на 19 јули, според ФИФА и УЕФА, федерацијата е должна во рок од шест месеци, или до 19. јануари, да избере нов претседател.

Инаку, како по обичај, гостин на денешното Собрание на ФФМ ќе биде и претседателот на хрватската фудбалска федерација, Давор Шукер, кој е член на извршниот комитет на УЕФА.

Се вчитува...