ФИБА Европа: Репрезентативна кошарка и во ноември

Македонската кошаркарска репрезентација сепак ќе одигра уште две квалификациски средби за Евробаскет 2021 до крајот на годинава, откако ФИБА Европа донесе одлука да не го „избрише“ ноемврискиот прозорец од календарот на настани за 2020 година. Претходно постоеја најави дека нема шанси репрезентациите повторно да играат квалификациски натпревари до крајот на оваа година, но стабилизацијата на ситуацијата со Ковид-19 во голем дел од европските држави придонесе да биде променет ставот на европската куќа на кошарката.

Според денешната одлука на Бордот на ФИБА Европа, ноемврискиот „прозорец“ од квалификациите за пласман на ЕП 2021 година ќе се игра според претходно утврдениот календар за натпреварување. Секоја земја-домаќин ќе донесе посебна одлука дали средбите би се играле пред празна сала или со лимитиран број на гледачи, секогаш во согласност со локалните законски регулативи.

Македонија неславно ги почна квалификациите за Евробаскет 2021, со порази од Естонија (дома) и од Русија (на гостински терен). Избраниците на Александар Тодоров во ноември треба да имаат две гостувања, најпрвин во Италија на 27 ноември, а три дена подоцна и во Естонија, а евентуални два нови неуспеси ќе значат и губење на шансите за пласман на европскиот шампионат.

ФИБА Европа остава простор доколку во меѓувреме ситуацијата се влоши и се создаде опасност овие средби да не може да се играат во текот на ноември, тогаш натпреварите од тој „прозорец“ ќе бидат одложени, односно преместени за февруарските термини. Оние мечеви кои на програмата беа во февруари ќе бидат презакажани за јули, 2021 година.

Истите одлуки се однесуваат и за оној женски сегмент во квалификациите за Евробаскетот.

Се вчитува...