ФИБА го запре Боцевски за Србија, МКФ не дозволува „национално предавство“

Еден од најталентираните млади кошаркари во нашата држава, Дино Боцевски, нема да смее да настапува за младите селекции на Србија, откако не доби зелено светло од ФИБА за промена на „кошаркарско државјанство“. Боцевски ја шокираше јавноста откако пред повеќе од половина година се појавија негови фотографии во дрес на Србија, по што беше обелоденето дека врз основа на српскиот пасош што го поседува (неговата мајка е родена во оваа соседна држава). Неговиот татко, поранешниот македонски репрезентативец Душан Боцевски, одлуката ја објасни со амбициозност да биде дел од селекција што квалитативно важи за подобра од македонската, но во семејството Боцевски очигледно не смета на „блокада“ од европската куќа на кошарката.

Проблемот се појавил откако ФИБА „пресудила“ во корист на Македонската Кошаркарска Федерација, испраќајќи допис дека Дино Боцевски не смее да настапува за Србија доколку за такво нешто не добие дозвола од својата матична федерација. Како причина се наведува фактот дека тој веќе има настап за У14 селекцијата на Македонија, но и фактот дека во договорот со клубот Стела Аѕура од Италија имало клаузула со која било наложено тој да добива зелено светло за да се појавува на сите собири и натпревари на македонскиот национален тим, чии бои Боцевски ги бранеше во периодот на трансферот.

За челниците на МКФ дилеми не постојат, нема никаква шанса на овој млад кошаркар да му биде дозволено да го промени државјанството и во иднина да настапува за Србија.

Наш став како федерација е да се обидеме да собереме што повеќе од децата чии родители се Македонци, а кои живеат во странство, да почнат со настапи за младите репрезентации, се со цел да донесеме што поголем квалитет во своите редови. Промени во обратна насока не доаѓаат во предвид, дете што важи за огромен талент и што треба да игра за Македонија – ние да потпишеме документ со кој се откажуваме од него и дозволуваме да заигра за друга репрезентација. Тоа е еднакво на национално предавство, нешто што ние како федерација никогаш нема да го направиме“ – изјави директорот на МКФ, Владимир Темелковски.

Останува да се види дали ќе може да се најде заеднички јазик меѓу раководството на МКФ и семејството Боцевски, за младиот Дино повторно да почне да го носи дресот на Македонија, нешто што дефинитивно би било од огромна корист за „црвено-жолтите“.

Се вчитува...