ФИФА на удар поради алчноста: Навивачите бесни, Њујорк покрена истрага против ФИФА!

Светското првенство во 2026 година сè уште не започнало, а ФИФА веќе се соочува со сериозни критики за астрономските цени на билетите и големиот број непродадени билети.

Турнирот во САД, Канада и Мексико требаше да биде најголем во историјата, но сè повеќе навивачи веруваат дека станал и најскап.

Според првичната понуда на домаќините, најскапиот билет за финалето требало да чини 1.550 долари. Сепак, до април 2026 година, најевтиниот стандарден билет за финалето достигнал цена од 5.785 долари, додека најскапите седишта чинеле дури 10.990 долари, а потоа цената се зголемила.

Само два дена пред почетокот на првенството, имаше извештаи дека дури 180.000 билети останале непродадени.

Како резултат на тоа, политичарите од Њујорк и Њу Џерси започнаа официјална истрага против ФИФА, по обвинувањата дека организацијата ги збунува навивачите и вештачки ги зголемува цените.

Многу навивачи се пожалија дека чекаат во виртуелни редици со часови без да знаат колку ќе чинат билетите кога конечно ќе им дојде ред да ги купат.

Според податоците, цените се зголемени за дури 90 од вкупно 104 натпревари на турнирот.

ФИФА тврди дека не користи таканаречен систем на „динамично одредување цени“, туку систем на „променливо одредување цени“, но критичарите истакнуваат дека резултатот е ист – билетите стануваат поскапи како што расте интересот.

Дополнителен проблем е фактот што ФИФА практично нема конкуренција. Организацијата ги одредува почетните цени, ја контролира официјалната препродажба на билетите и зема провизија од секоја понатамошна продажба.

Примерот од финалето покажува колку далеку се движеле цените. Најевтиниот билет за финалето на Светското првенство преку официјалната програма за навивачи на Англија чинел 3.119 фунти, додека еквивалентниот билет за финалето на Евро 2024 во Берлин чинел само 83 фунти.

Соочена со критики, ФИФА последователно воведе ограничен број билети од 60 долари за сите натпревари, вклучително и финалето, но таквите седишта сe само околу 10 проценти од вкупниот капацитет.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја бранеше политиката на цени тврдејќи дека поевтините билети ќе завршат на црниот пазар и дека приходите од продажбата ќе го финансираат развојот на фудбалот низ целиот свет.

Сепак, реакцијата на навивачите беше јасна.

На почетокот на јуни, ФИФА тивко ги намали цените на билетите за сите 104 натпревари и врати дури 70 проценти од претходно резервираните хотелски капацитети поради послабата побарувачка.

Голем број навивачки организации веќе поднесоа жалба до Европската комисија, додека УЕФА отиде во спротивен правец и за ЕУРО 2028 ги ограничи цените, така што речиси половина од сите билети ќе чинат помалку од 60 фунти.

Се вчитува...