ФИФА во акција за спас на сезоната: За договорите, платите, репрезентациите…

Фудбалот се соочува со огромна криза, а раководството на ФИФА за денеска закажа состанок на кој се очекува да биде одлучено за преземање на конкретни мерки за намалување на последиците од овој сериозен проблем. Уште синоќа се дискутираше за формирање на „кризно тело“ и донесување на „сет мерки“ со кои би биле утврдени „правилата на игра“ во овој период.

Пред се, клучно ќе биде да се утврди времетраењето на договорите, конкретно што ќе се случува со оние играчи на кои договорите им истекуваат на 30 јуни, а веќе имаат договорено следен трансфер. ФИФА планира со уредба да ги промени сите договори, односно за летово тие наместо да важат до 30 јуни, да се однесуваат до крајот на сезонава. Со оглед на фактот дека се големи шансите сезоните да завршат во текот на јули, во некои земји се говори дури и за август, на овој начин би се осигурало фудбалерите да ги довршат сезоните во клубовите во кои ги почнале, да бидат платени за тие дополнителни месеци, а потоа да го реализираат договорениот трансфер.

Втората одлука ќе се однесува на платите, тука ФИФА ќе ја заземе страната на клубовите и ќе дозволи значително намалување на платите на фудбалерите. Процентот не е утврден, но јасно е дека тимовите се соочуваат со огромни загуби со секој одложен и неодигран натпревар, а доколку играчите бидат исплатени согласно договорите на клубовите им се заканува банкрот и стечај. За „малите“ лиги се планира и формирање на солидарен фонд, преку кој клубовите ќе можат да добијат средства за да ги исплатат фудбалерите кои ќе бидат без примања во следните месеци.

Останува дилемата околу преодниот рок, што е особено проблематично бидејќи е сериозна опасноста сезоните во различни лиги да завршат во различни месеци од летото. Планот е по завршувањето на последната лига да почне преодниот рок во времетраење од најмалку два месеци, а не се исклучува ниту можноста за преоден рок од три месеци, но истовремено и укинување на можноста за зимски трансфери во јануари 2021.

Што се однесува до репрезентациите, огромни се шансите да нема натпревари до крајот на годинава. УЕФА треба да донесе одлука за дуелите од баражот за Лигата на Нации, но со одложувањето на ЕВРО 2020 постои простор за тие средби, меѓу нив и дуелот Македонија – Косово, да се играат до крајот на годинава. Тоа само по себе ќе повлече промена на термините за новото издание од Лигата на Нации, но со оглед на песимизмот дека кризата може да заврши до крајот на мас, се чини дека одлагањето ќе биде апсолутно неопходно.

Се вчитува...