Фијаско на Еурофарм Пелистер – Збогум, Европа: Танкоски не можеше сам против Мотор

Еурофарм Пелистер одигра уште еден катастрофален натпревар во Лигата на Европа на ЕХФ, губејќи на домашен терен од Мотор со 25-27, резултат што значи и елиминација на македонскиот вицепрвак од ова европско натпреварување. Битолчани играат многу слабо од почетокот на оваа 2023 година во европските купови, не успеаја да се опорават ниту на денешниот клучен меч, што заслужено го загубија откако во огромен дел имаа резултатска негатива. Марио Танкоски постигна девет гола од десет обиди, но македонскиот бек беше осамен во нападот, тотално потфрлија странците во бековската линија, а во самиот финиш шут за израмнување кое ќе значеше и четврто место во групата промаши капитенот Радовиќ.

Битолчани премногу нервозно влегоа во натпреварот, а гостите од Украина набрзина поведоа со 0-3. Васиљев конечно го постигна првиот гол за „пелситерци“ намалувајќи на 1-3, а токму рускиот пивот заедно со Костески беа единствените кои успеваа да се снајдат во нападот на македонскиот вицешампион. Лесјак првата одбрана ја имаше дури во 10. минута, а Еурофарм Пелистер конечно влезе во ритам со влегувањето на Танкоски, кој даде два гола и изнуди еден пенал, по што битолчани поведоа со 8-7. Пелистер имаше 11-9, но потоа повеќе од девет минути нашиот претставник не успеа да постигне ниту еден гол, што Украинците го искористија за повторно да го свртат резултатот во своја полза. Лејсак успеа да одбрани седмерец при 12-13, следеше гол за израмнување, но во 28. минута Васиљев беше исклучен, што беше искористено од страна на ракометарите на Мотор, кои на одмор заминаа со предност од 13-15.

Кризата се продлабочи уште повеќе откако Мотор за само три минути игра во вториот дел зголеми на четири гола предност (14-18). Повторно како и во првото полувреме, Танкоски беше играчот кој го разбуди заспаниот состав на Пелистер, постигнувајќи два брзи погодоци за 16-18. Битолскиот клуб намали и на 17-18, а во 41. минута со петтиот гол на Танкоски дојде и до израмнување од 19-19. Тренерот на Мотор побара тајмаут и Украинците набрзина постигнаа два гола, по што и Валтер мораше да побара минута одмор за да ја консолидира играта на „пелистерци“.

Проблемите станаа уште поголеми откако Мотор поведе со 19-22, резултат при кој Суси не реализираше пенал за „пелистерци“. Македонскиот вицешампион не се предаде и успеа да се приближи на 22-23, а потоа и до 23-24, благодарение на одличниот Танкоски, кој во 53. минута го постигна својот седми погодок на натпреварот. Сепак, одбраната не беше на висина на задачата во клучните моменти, Мотор реализираше кога беше најважно, а Танкоски беше единствениот расположен во нападот на Пелистер, постигнувајќи го деветтиот гол на мечот за 25-26 на две минути до крајот. Битолчани добија напад за израмнување на една минута до крајот, Валтер побара и тајмаут, но капитенот Радовиќ промаши зицер од крило, што значеше и пораз на Еурофарм Пелистер и елиминација на македонскиот вицепрвак уште по првата фаза од Лигата на Европа на ЕХФ.

Се вчитува...