Филип Кузмановски „по битолски“ го реши Пелистер

Металург предводен од капитенот Филип Кузмановски, во Битола славеше победа против Пелистер со 28-34  во претпоследниот натпревар од суперлигашкиот плеј-оф во кој за крај му останува уште дуелот со шампионот Вардар. „Металурзи“ за три дена ги решија и двата битолски ривали, во Автокоманда го победија Еурофарм Работник, а денеска во „Младост“ го решија и Пелистер и потврдија дека и сезонава остануваат недостижни на втората позиција зад Вардар. Главен адут на Металург за победата во Битола беше токму нивниот битолчанец, Филип Кузмановски, кој во второто полувреме постигна четири гола во серија од вкупните 11 и ја обезбеди победата.

По водството на домаќините во првите минути со 4-2, Металург успеа да ја преземе контролата и  за неколку минути предноста се сврте на старната на гостите од Автокоманда (6-10). Но, потоа следуваше нова офанзива на пелистерци кои постигнаа четири гола во серија и дојдоа до ново изедначувања. Металург сепак успеа да остане во минимална предност, а Пелистер „бркаше“ резултат и неколку пати дојде до изедначување. Томислам Јагуриновски и Теимураз Орјоникидзе ги држеа домаќините во егал. На другата страна главна ударна сила во нападот на Металург беа бековите Халил Јагањац и Филип Кузмановски. На полувремето „металурзи“ имаа гол предност (16-17).

Изедначено, со игра гол за гол почна и второто полувреме.  Но неизвесноста траеше само десетина минути. Капитенот Филип Кузмановски го скрши отпорот на својот матичен клуб, постигна четири гола во серија од вкупните шест на Металург  за водство од 20-26. И тука веќе беше решен победникот. Михајло Митиќ ја прекина лошата серија, но Металург веќе имаше недостижна предност за сигурен финиш.

Филип Кузмановски со 11 гола беше убедливо најефикасен играч на теренот. Халил Јагањац постигна осум, а Жарко Пешевски додаде четири гола за Металург. Кај Пелистер, Теимураз Орјоникидзе постигна шест, а Томислав Јагуриновски  и Васко Димитровски додадоа по пет гола.

Во последното коло од плеј-офот, на 3 јуни, Металург го пречекува Вардар, а Пелистер му гостува на Охрид.

Се вчитува...