Филип Лазаров донесе втора победа над Србија

Македонија славеше со минимални 28-27 на вториот контролен натпревар против селекцијата на Србија, последен пријателски меч што нашите ракометари го одиграа во пресрет на СП 2019 во Данска и во Германија.

За разлика од вчерашниот натпревар, денешниот дуел беше од затворен карактер, што им послужи на двајцата селектори да испробаат најразлични тактички варијанти, како во нападот, така во одбраната. Шанса на теренот добија голем дел од играчите кои вчера добија скромна минутажа или воопшто не влегоа во игра.

Македонија го контролираше резултатот во поголем дел од натпреварот, на полувреме се замина со водство од 16-13, но српските ракометари сепак во финишот успеаја да стигнат до израмнување (27-27). Последниот напад го имаа нашите ракометари, а во него одговорноста ја презеде Филип Лазаров, кој стрелаше прецизно за победа.

Митревски беше одличен на голот со 13 успешни одбрани, а во нападот Пешевски постигна седум, а капитенот Кире Лазаров пет погодоци.

Се вчитува...