Филип Лазаров: Овој бод ни е награда за сè што одигравме досега

mec baner

Задачата која си ја зацртаа ракометарите пред натпреварот со Исланд – ја исполнија. Во 60 минути игра, избраниците на Лино Червар покажаа карактер и успеаја да стигнат до тој еден бод, голем како планина кој во осминафиналето ни ја донесе Норвешка како противник, наместо домаќинот на Светското првенство – Франција. Ниту четири гола негатива не ги исплаши македонските ракометари кои успеаја да се консолидираат во целост и да стигнат до реми.

„Мислам дека бевме уморни, а и се покажа тоа. Дополнително игравме и со неколку повреди, потоа имавме и падови во првото полувреме, не можевме да се справиме со таа нивна брза игра. Брзи центри, полу-контри и контри и едноставно не можевме да се вратиме. Но сепак, тоа е таа психологија, нешто ново што го има кај нас, да не се предаваме и кога губиме со четири-пет гола. Среќни сме бидејќи секој натпревар го играме, не калкулираме и ова е сосема заслужен резултат“ – вели Филип Лазаров.

Со Норвешка ракометарите си ги одмерија силите минатата година на Европското првенство во Полкса, но оттогаш скандинавската селекција има направено напредок и воопшто не треба да се потцени.

„Со Словенија одигравме лошо, многу брзо ни избегаа на крајот. Со Шпанија игравме одлично, но не извадивме резултат. Ова е награда за сè што одигравме досега и за напорната работа. Ќе видиме како ќе биде со повредата на Миркуловски, но пред сè мора да се верува во секого. Тие што сме – тука сме и мораме да веруваме, најпрво во себе, а потоа и во другите. Без разлика дали станува за некој помлад, постар, поквалитетен или понеквалитетен. Треба сите да го дадеме максимумот, да веруваме и да се надеваме на позитивен резултат. Норвешка ни е познат ривал, а и досега одлично одиграа на првенството. Тие играчи што лани беа млади сега се со повеќе искуство и се дефинитивно поквалитетни. Наше е да се надеваме“ – дополни Лазаров.

Се вчитува...