Филип Лазаров: Целта е победа во Украина

Македонските ракометари се свесни за тежината на предизвикот на претстојното гостување во Украина, но сепак очекуваат добра игра и победа во земјата во која претходно капитулираа и Исланд и Чешка. Филип Лазаров како еден од најискусните на првиот собир на националниот тим изрази оптимизам дека „црвено-жолтите“ ќе одговорат на овој предизвик и ќе го одржат континуитетот од настапи на големите натпреварувања.

Како што ја гледаме ситуацијата на табелата, добро стоиме со вкупната гол-разлика во ситуација кога ситечетири селекции имаат идентичен број на бодови. Наша цел е веќе на првиот натпревар со Украина да стигнеме до победа, знаеме дека таму загубија и Исланд и Чешка, па евентуален наш триумф ќе значи и речиси сигурен пласман на ЕП. Игравме еднаш со Украинците, тие и во Скопје покажаа дека се репрезентација за респект. Со двете победи над Исланд и Чешка само потврдија дека поседуваат потенцијал и дека имаат и тие свои математики. Ние сигурно нема да патуваме таму како фаворити, но верувам дека можеме да играме и да победиме, за потоа на домашен терен со Чешка да ги заокружиме овие квалификации. Секогаш сме ги победувале Чесите на домашен терен, верувам дека тоа ќе биде случај и овојпат. На добар пат сме, но ова е крај на сезона, со изморени и делумно повредени играчи, затоа мора да се одигра максимално фокусирано за да се оствари целта. Секоја година е истото, но ние секогаш сме минувале добро во јуни, очекувам таа традиција да продолжи и овојпат“ – изјави Филип Лазаров.

Искусниот лев бек има само пофални зборови за македонскиот селектор Раул Гонзалес, со кого претходно соработуваше и во тимот на Вардар.

Кој селектор и да дојде внесува нешто свое во репрезентацијата, на нас како ракометари е да ги спроведеме тие задачи кои ни се даваат, а на јавноста е да процени колку е тоа добро или не. Раул и Лино се сосема различни како тренери, имаат поинакви принципи. Раул Гонзалес сега е и европски шампион, ние имавме безрезервна поддршка во него и претходно, очекувам сега сите заедно да ги одработиме на ниво овие последни натпревари и да се пласираме на уште едно Европско Првенство. Има многу математики, но мене ми е важно само ние да одиме во Хрватска“ – оптимист е Лазаров.

Се вчитува...