Финале: Продолжување на децениската доминација на МЗТ Скопје или историска титула за Пелистер?

Битката за титула во Првата кошаркарска лига започнува денеска со натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје ќе го пречека Пелистер од 19 часот, а дали аеродромци ќе ја продолжат децениската доминација или пак битолчани ќе стигнат до историскиот трофеј ќе дознаеме најдоцна до 12. јуни.

МЗТ Скопје и Пелистер заслужено се во финалето на кошаркарското првенство. До таму стигнаа со доминантна игра во регуларниот дел од првенството и Суперлигата, а во полуфиналето славеа против ТФТ и Еуро Никел. „Сино-белите“ со „метла“ го збришаа составот од Тафталиџе, додека „зелено-белите“ мораа во „мајсторка“ да го добијат вицешампионот Еуро Никел, но двата тима ја имаа контролата во серијата, умешно ги користеа предностите и недостатоците и ни го потврдија очекуваното финалe.

Скопскиот и битолскиот состав се добро пополнети на сите позиции па само детали ќе одлучуваат за тоа кој ќе го крене трофејот. Еден од нив може да биде и подолгата клупа која е во полза на МЗТ Скопје, а тоа беше видливо и во полуфиналето. Тренерот Александар Петровиќ одлично ги распредели минутите на своите играчи па така најголема минутажа имаше Бре Ајви кој одигра по 30. минути на двете средби, за разлика од ударното дуо на битолчани Малешевиќ – Кесар кои одиграа во просек по 35. минути.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

Во фокусот на серијата на теренот ќе имаме три дуели: Бре Ајви против Бобан Стајиќ, Војдан Стојановски против Никола Малешевиќ и Немања Милошевиќ против Игор Кесар од кои многу ќе значи крајниот исход на битката за титула.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)

По денешниот натпревар во Аеродром серијата продолжува в недела во Битола. Третиот меч ќе биде одигран во Скопје во вторник на 7. јуни, четвртиот на 10. јуни, а можната „мајсторка“ два дена подоцна.

Се вчитува...