Финалето може да почне: МЗТ има подобра екипа, Работнички се „крсти“ во Докузовски

Единаесетта за Работнички или седма за МЗТ Скопје Аеродром, битката за титулата во домашниот кошаркарски шампионат почнува денеска. Најуспешните два македонски клуба, најсигурните во текот на сезонава и претендентите за трофејот уште од пред стартот на сезоната, очекувано се најдоа во финалната серија.

Работнички сака да го сочува трофејот, но сезонава има само еден странец и серија проблеми со повреди го брани приматот од МЗТ кој пак има воигран состав, со повеќе странски засилувања и кој сезоната конечно ја мина без поголеми турбуленции, промена на тренери и на играчи.

Глaвниот атрибут на актуелниот шампион е тренерот Марин Докузовски, се покажа тоа и во дуелите за Купот на Македонија. Тогаш се потврди дека поранешниот селектор, може да извлече резултат во клучни натпревари и тоа со органичен состав и без странци.

МЗТ од друга страна е во добар ритам, конечно има ефект од набиената агенда и динамичниот распоред, одигра серија значајни натпревари сезонава и користа од тоа се покажа и во полуфиналето против Гостивар.  Работнички мораше да мине преку мајсторката со Блокотехна во драстично понеизвесното полуфинале.

Сезонава двете екипи имаа по две победи во меѓусебните дуели, Работнички ја доби драмата во полуфиналето од Купот и го детронизираше градскиот ривал.

Првиот натпревар од серијата е на теренот на МЗТ (денеска, 17.30 часот), натпреварите ќе бидат играни најизменично, тимот од Аеродром ја има предноста на домашен паркет поради подобриот пласман на крајот од сезоната, до титулата доаѓа тимот кој прв ќе забележи три триумфа.

 

 

Се вчитува...