„Финецот“ Манев – нов „вардарец“

Вардар ја засили својата одбранбена линија со Коста Манев, 25-годишен дефанзивец кој денеска потпиша договор на една сезона со актуелниот вицешампион на Македонија. Манев е роден во Радовиш, но целата кариера ја минува во клубови во Финска во екипите на Клуби 04, Викингит, ПК-35, Хонка, Интер Турку и Кеми.

„Вардар е најголемиот клуб во Македонија, и јасно ми е дека секогаш очекувањата се високи, секогаш приоритетите се освојување на титула. Посакувам во новата сезона да ја вратиме титулата онаму каде што и е местото, и да стигнеме што е можно подалеку во Лигата на Европа. Доаѓам во клуб кој лани мина одлично во Европа, и посакувам така да биде и престојното лето. Очекувам да се вклопам во новиот клуб што е можно побрзо, да ги запознаам моите нови соиграчи и да се вклопам во системот на тренерот на стручниот штаб и неговите идеи. Јас со напорна работа ќе се обидам да се наметнам, и да дадам придонес Вардар да има успешна сезона“, изјави Коста Манев по потписот на договорот.

Воедно, „црвено-црните“ денеска обелоденија дека ја прекинале соработката со Вања Марковиќ, играчот за врска кој лани беше најавен како големо засилување, а на крајот испадна тотално разочарување.

Се вчитува...