Финска победена без мака (33-24)

Македонија со рутинска победа ги стартуваше квалификациите за ЕП 2022, триумфирајќи на мечот со Финска со убедливи 33-24. Гостите парираа само петнаесетина минути, по што нашите ракометари создадоа удобна предност што рутински ја одржуваа до самиот крај. Брестовац им даде шанса на сите ракометари да се докажат во репрезентативниот дрес, но и покрај рутинскиот триумф вечерва останува впечатокот дека ќе мора уште повеќе да се напредува за да се обезбеди пласман на наредниот европски шампионат.

Почетокот беше проблематичен за нашиот состав, Лазаров и Манасков ги промашија првите два пенали за „црвено-жолтите“, а противникот по 12 минути игра водеше со 3-4. Брестовац го стави Маџовски на местото на индиспонираниот Манасков, што се покажа како добар потег, Македонија конечно влезе во ритам и од водството на противникот 4-5 направи серија од 5-0 и практично го реши прашањето на победникот.

Во овој период најдобар поединец на теренот беше Стојанче Стоилов, за кого гостите немаа решение, па направија бројни пенали и исклучувања во дуелите со македонскиот пивот. Македонија продолжи да го контролира ритамот и на одмор замина со водство од 16-10, во полувреме во кое за нашиот состав беа досудени осум седмерци, а противниците имаа шест исклучувања.

Удобната предност од првиот дел придонесе да дојде до опуштање на стартот од второто полувреме, во кое само Пешевски беше на висина на задачата во нападот, додека одбраната беше далеку од посакуваното ниво. Почетната мини-криза беше надмината, Македонија набрзина поведе со 23-15, принудувајќи го гостинскиот селектор на тајмаут. Брестовац го повлече од игра капитенот Лазаров, теренот го напушти и одличниот Стоилов, чувајќи ги силите на клучните играчи за претстојниот дуел со Швајцарија закажан за 7 ноември.

Промените во македонскиот табор немаа никакво влијание врз резултатот, рутински беше одржувана солидната предност на „црвено-жолтите“ се до конечните 33-24.

Кире Лазаров беше најдобар поединец на натпреварот со 11 погодоци, шест постигна Кузмановски, а по четири пати прецизни беа Маџовски и Пешевски.

Се вчитува...