ФК Кит Го ќе донира средства за помош на Спасе Богоевски

По објавената тажна приказна за младиот фудбалер на Македонија ЃП, Спасе Богоевски кој на 15 години остана без двајцата свои родители веднаш со желба за хуман гест се огласи новиот второлигаш ФК Кит Го од Пехчево кој ќе донира финансиски средства за помош на Богоевски.

Пехчевци одлучија да се вклучат во хуманата акција која ја почнува Македонија ЃП за помош на својот член од пионерската екипа.

„Не може да останеме слепи и глуви кога е неопходна помош за млада личност. Токму затоа како клуб одлучувме да издвоите 30.000 денари кои ќе бидат донирани како мала помош за надминување на дел од финансиските проблеми на младиот фудбалер Спасе Богоевски“ – информираат од ФК Кит Го.

А, како што е познато, судбината трагично си поигра со 15-годишниот Спасе Богоевски кој минатата година за само неколку месеци ги загуби двајцата родители. Извесен период живеел со роднини во Мралино, но веќе наредниот период треба да биде згрижен во Детското СОС село со оглед на тоа што никој од роднините не сака да покрене старателско право.

А Спасе, како што вели, нема никаков проблем да се пресели во Детското село иако знае дека ќе му биде тешко. Но, неговите родители го научиле да биде борец и храбро да се носи со животот. Затоа сака и да продолжи со фудбалот во редовите на Македонија ЃП.

Но, сериозен проблем за него претставува и долгот кој е оставен од неговите починати родители а кој, сакал или не сакал мора да го подмири за неплатени сметки за струја и вода кои се насобрале до висина од 3.000 евра. Токму затоа е неопходна финансиска помош за исплата на сите негови долгови и овозможување нормален живот за 15-годишното момче кое, ако ништо друго, знае дека не сака да се откаже од фудбалот!

Веќе во хуманата акција за помош на Богоевски се вклучи и РК Еурофарм Работник од Битола.

Се вчитува...