ФК Пелистер: Општина Битола е виновна за заостанатите долгови кон фудбалерите!

По искажаниот револт од страна на фудбалерите на ФК Пелистер на претходниот првенствен дуел против Скопје, за неисплата на заостанати долгови кон нив од клубот, се огласија и мнозинските сопственици на „зелените“ кои потенцираа дека револтот на играчите треба да биде насочен кон општина Битола која поседува 25% од сопствеништвото а не ги регулира своите обврски.

Соопштение од ФК Пелистер до нашата редакција ви го пренесуваме во целост:

Почитувани новинари, медиуми и спортски работници,

Го испраќаме ова соопштение како реакција на тенденциозните објави на одредени македонски медиуми за протестот на фудбалерите на ФК Пелистер, кој што се случи во недела на 10 септември на натпреварот од Првата Македонска Лига против екипата на ФК Скопје.

Како мнозински акционери во сопствеништето на ФК Пелистер, мораме да истакнаме дека Пелистерка АД, ЗИК Пелагонија и Орка Холдинг, досега навремено и одговорно ги имаат исполнето сите обврски кон клубот. Револтот на фудбалерите на ФК Пелистер треба да биде насочен кон останатите сопственици на последните 25% од акциите, а тоа е Општина Битола.

Да потсетиме дека, како македонски компании кои што работат посветено и општествено одговорно, со купувањето на мнозинскиот дел на акции, токму овој симбол на градот Битола – ФК Пелистер, го освои Купот на Македонија а играше и во Лига Европа. Нашите компании прават се што е во наша моќ и надлежност, клубот да го вратиме на добри патеки каде што некогаш и беше… Управата на клубот, по овој протест на фудбалерите, изјави дека апсолутно ги разбира.

Како и досега, и овојпат заостанатите плати и останати обврски кон фудбалерите, ќе ги покријат компаниите кои што имаат 75% од сопствеништвото на овој клуб – а тоа се Пелистерка АД, ЗИК Пелагонија и Орка Холдинг. Откако минатиот октомври за Претседател на клубот беше избран Цветан Панделески, разликите во функционирањето и намерата за сериозни вложувања во овој македонски фудбалски клуб беа очигледни.

Фудбалерите на ФК Пелистер задоволството од новата управа го покажа освојувајќи титула. Управата и раководството не застанаа тука. Продолжија со максимални напори да избегнат нова криза во ФК Пелистер. И покрај овој знак на протест, Пелистерка АД, ЗИК Пелагонија и Орка Холдинг, демантираат дека во редовите на овој клуб постои било каква криза.

Откако ќе ги подмириме заостанатите долгови за кои што никако не сме виновни, јавно ќе ја повикаме општина Битола да го стори истото.

Се вчитува...