Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија со соопштение се обрати по повод казната која ја доби од Фудбалската федерација на Македонија.
Шкендија е казнета со 105.000 евра, но и со забрана за настап во следната натпреварувачка сезона во Купот на Македонија поради случувањата во финалето од годинашното издание на Купот.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме соопштението на Шкендија.
„По неодамнешната одлука на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) против Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа скандалозна одлука итно да се преиспита и корегира.
Шкендија е меѓу ретките клубови кои работеле со сериозност, коректност и целосно почитување на спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините имаше големи трошоци, напори и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој, со своите достоинствени настапи во Европа, го зголеми коефициентот на лигата, од кој имаат корист сите клубови и благодарение на што, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови.
Затоа, неприфатливо е одлуките донесени на маса да му штетат на сериозен проект и да го наградуваат овој придонес со намерен удар. Овој пристап не наведува и да ја разгледаме опцијата за повлекување на клубот од фудбалот од Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, тогаш ние како спонзор сериозно ќе размислиме за понатамошно продолжување, бидејќи оваа одлука ги крши правата и политиките на клубот. Очекуваме органите на ФФМ итно да размислат, во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто“, стои во соопштението на Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
