Историја: Вардар е на фајналфор, Фленсбург на колена

Сонот стана реалност – Вардар на 3 и 4 јуни ќе биде дел од фајналфор турнирот во Лигата на шампионите, откако вечерва повторно го совлада Фленсбург (35-27) и апсолутно заслужено си го визираше местото меѓу најдобрите четири тима на Стариот континент. „Црвено-црните“ маестрално ја играат целата сезона, најпрвин го освоија првото место во групата, а со двете ракометни лекции проти Фленсбург само потврдија дека се дел од самиот „крем“ на европскиот ракомет. Гостите дојдоа во Скопје со надеж за изненадување и реванш, но сонот експресно им се урна како кула од карти, налетувајќи на максимално мотивираниот состав на Вардар, кој немаше намера да ја пропушти оваа шанса за историја.

vardar-flez (8)

 Штербик го отвори мечот со интервенција по обидот на Јакобсон, а на спротивната страна Борозан беше прецизен, за прво водство на Вардар од 1-0. „Црвено-црните“ делуваа одлично во одбраната, сигурно и во нападот, па по неполни шест минути игра по двата гола на Шишкарев македонскиот првак поведе со 4-2. Одбраната 5-1 на чело со Канелјас функционираше подеднакво добро како и на стартот од првиот натпревар, но нападот не беше во посакуваниот ритам, па во 11. Минута гостите стигнаа до израмнување на 4-4.

Фленсбург имаше и напад за водство, но обидот на Сван за среќа заврши во дирекот. Во следниот напад Циндриќ беше прецизен за водство од 5-4, прекинувајќи ја серијата од седум минути без постигнат гол, воедно и изнудувајќи исклучување од Карлсон. „Црвено-црните“ поведоа со 6-4, но гостите со два седмерци останаа во натпреварот (6-5, па 7-6). Штербик продолжи да ги откажува крилата на Фленсбург, па водството се врати на 8-6, за потоа Циндри за првпат на мечот да донесе „плус три“ (9-6).

IMG_9102

Гостите стануваа премногу нервони и конфузни во нападот, Вардар го искористи тоа, поведе и со 10-6, пред Врањеш да побара тајмаут. Могенсен погоди веднаш по тајмаутот, изнудувајќи и исклучување од Абутовиќ. Раул повлече вистински потег, па при 11-7 го стави Милиќ на голот наместо Штербик, а Србинот веднаш одбрани зицер на Могенсен. Данските судии се обидоа да му помогнат на гостинот, но Вардар беше посилен и од тие неправди, па на одмор замина со убедливи 15-10.

Слично како и на првиот натпревар, Фленсбург заигра подобро во вториот дел, ја намали разликата на три гола, но „вардарци“ имаа два значајни адути, Циндриќ во нападот и Штербик на голот, за пласманот на Ф4 да не биде загрозен. Врањеш зеде тајмаут при 22-17, но ситуацијата на теренот не се промени, „црвено-црната“ доминација продолжи, па на средина од полувремето резултатот веќе беше преубедливи 26-17, за нов тајмаут на гостинскиот тренер. Остатокот од мечот „вардарци“ го одиграа рутински, за конечна победа од 35-27 и историски пласман на македонскиот првак на фајналфор натпреварувањето во Лигата на шампионите.

Лука Циндриќ одигра уште еден фантастичен натпревар постигнувајќи седум гола, по пет пати прецизни беше Шишкарев  и Душебајев, додека Борозан даде четири гола од исто толку обиди. Арпад Штербик повторно беше одличен на голот, со 11 успешни интервенции.

Се вчитува...