Флик ќе прави мини-ремонт: Кој ќе дојде, а кој ќе си замине од Баерн

Баерн Минхен ја искористи паузата во германскиот фудбал за да реши две значајни дилеми, потпишувајќи договор со Ханси Флик како тренер и за следните неколку сезони, а потоа и задржувајќи го Томас Милер на „Алијанц Арена“ со нов договор со важност до 2023 година.

Флик веќе ја доставил и својата листа со желби до управата на клубот, па сега Румениге и Салихамиџиќ ќе се обидат да донесат нови фудбалери по „мерак“ на овој тренер, кој главен акцент планира да стави на „мини-ремонт“ на одбранбената линија.

Одриозола ќе биде вратен во Реал, Боатенг сигурно ќе си замине, а лесно може да се случи по неговите стапки да тргне и Мартинез, за кого се најавува враќање во Шпанија. Сепак, Баерн е добро покриен на позицијата централен дефанзивец, каде ги има ланските засилувања Павар и Ернандез, како и Алаба и Зиле. Останува да се види како ќе се разреши ситуацијата со Алаба, кој засега одбива нов договор, па доколку не се согласи на продолжување на соработката би можел да биде продаден во летниот преоден рок. Ако Алаба биде продаден, парите од неговиот трансфер ќе бидат искористени во обидите за ангажман на Упамекано од Лајпциг.

На позицијата десен бек незаменлив е Кимих, по потреба добро се снаоѓа и Павар, но проблем е левата страна во одбраната, каде Флик смета на Дејвис, но ќе настојува да купи квалитетно засилување во текот на летото. Меѓу желбите на тренерот на Баерн е младиот Регилјон од Реал Мадрид, кој сезонава играше одлично на позајмица во Севилја, како и Госенс од Аталанта.

Баерн 12 месеци преговара со Лирој Сане, но кризата со коронавирусот ќе ја намали финансиската моќ на клубовите, па баварскиот гигант нема намера да плати 100 милиони евра, колку што Манчестер Сити бара за Германецот. Тимо Вернер е одлична опција, достапен е за 60 милиони евра, но тука Баерн има сериозна конкуренција во Ливерпул, а баварскиот гигант исто така се интересира и за Каи Хаверц, универзалниот играч за врска на Баер Леверкузен за кого аукцијата ќе почне од 50 милиони евра.

Едно е јасно, баварскиот гигант и следната сезона ќе има моќен тим со кој ќе биде главен фаворит во Бундес-лигата, но и ќе атакува на трофејот во Лигата на шампионите.

Се вчитува...