Флорентино има план: Мбапе во Реал Мадрид, ама гратис

Килијан Мбапе во Реал Мадрид, тоа повторно е актуелна тема откако ПСЖ прерано го заврши својот настап во Лигата на Шампионите со два порази во осминафиналните пресметки со Баерн Минхен. Францускиот голгетер не го криеше разочарувањето, но фактот дека по реваншот изјави дека „ова е максимумот на ПСЖ“ уште повеќе ги загрижува челниците и навивачите на клубот.

Мбапе минатото лето потпиша договор на две години, а „светците“ со право стравуваат дека тој нема намера да остане на „Паркот на принцовите“ и да потпише продолжување на соработката. Ова ја прави ситуацијата компликувана за ПСЖ, па Мбапе ќе мора да биде продаден летово, или да се чека до јуни 2024, кога тој ќе може без отштета да си замине од клубот.

Реал Мадрид останува главен фаворит секогаш кога ќе се спомене името на Мбапе, но Флорентино Перез веќе ставил до знаење дека нема намера да преговара со Ал Келаифи за француската фудбалска суперѕвезда. „Кралевите“ се уште се бесни поради бројните одбиени понуди од пред две години, па сега нема ни да се мачат да комуницираат со овој клуб. Планот на Флорентино Перез е јасен – да се почека договорот на Мбапе со ПСЖ да истече, а потоа во 2024 без да плати ниту евро на францускиот првак, да го доведе големиот ас на „Сантијаго Бернабеу“.

За тоа да се случи Перез е подготвен да му исплати и богат бонус на Мбапе од над 50 милиони евра при самиот потпис на договорот, да го убеди голгетерот да го одработи до крај актуелниот договор со ПСЖ и во меѓувреме да не преговара со останатите заинтересирани клубови.

Се вчитува...