Флорида е „проколната“ за Голден Стејт, ново шоу на Харден

Голден Стејт играше одлично во овој период, се додека на ред не дојдоа двете гостувања на Флорида против Мајами и Орландо. Откако вчера загуби со тројка во последната секунда од Мајами, актуелниот првак синоќа капитулираше и на пресметката против Орландо меџик, губејќи со 103-96. „Воините“ одиграа фантастично во третата четвртина, ја добија со 30-11 и се чинеше дека победата им е сигурна, но Орландо потоа заигра феноменално, последните 12 минути ги доби со 33-15 и со голем пресврт стигна до победата.

Арон Гордон со 22 поени и 15 скокови беше главен играч на победничкиот тим, додека Стеф Кари беше најефикасен во Голден Стејт со 33 поени, а кај гостинскиот состав на овој натпревар не настапи Кевин Дурант.

Џејмс Харден одигра уште еден неверојатен натпревар за Хјустон рокетс, предводејќи ја својата екипа до победа над Мајами од 121-118. Хјустон имаше негатива од 21 поен во третата четвртина, но домашните кошаркари предводени од Харден собраа сили за камбек и на крајот се радуваа на голем триумф. „Брадата“ го заврши натпреварот со 58 поени, 10 асистенции и седум скокови, како потсетување зошто се уште важи за главен кандидат за МВП признанието.

Денвер загуби од Јута за само втор домашен пораз сезонава, додека Филаделфија како гостин славеше над Оклахома сити, натпревар на кој гостите настапија без Ембид, додека кај Оклахома сити недостигаше Пол Џорџ.

Резултати НБА:

Индијана – Минесота 122-115, Орландо – Голден Стејт 103-96, Њујорк – Кливленд 118-125, Хјустон – Мајами 121-118, Оклахома сити – Филаделфија 104-108, Денвер – Јута 104-111.

Се вчитува...